header image
 

Across the Sea (теории)

Уште во моментот кога дознав дека петнаесеттата епизода од последнава сезона ќе биде посветена на Џејкоб и Човекот во црно се сомневав дали тоа ќе биде епизода за паметење, или пак епизода која повеќето од нас ќе сакаат што побрзо да ја заборават. Дилемата за оваа епизода ми останува се’ уште. Не ни верувам дека некој од нас знае што точно ни понуди “Across the Sea”. Ако за нешто сум сигурен, тоа е дека ова е најконтроверзната епизода од Lost досега прикажана.

Изненадувачки за мене е односот на продуцентите кон пристапот на фановите за епизодава. Како никогаш досега, Демон Линделоф и Карлтон Кјус изгледаа сосема смирени и до некој степен, дури и не-изненадени од реакцијата на публиката. Дали можеби нивната поента беше да се истакне некое нивно размислување преку “Across the Sea”? Дали оваа епизода, кога Lost ќе заврши, ќе биде онаа за која ќе кажеме дека „сега сфаќаме што и беше поентата“?! Или пак, едноставно глумат „фраери“ бидејќи крајот е близу, па веќе и сеедно им е?…

Одговорот на ова прашање ќе ни пристигне за една недела и неколку денови. Дотогаш, можеме само да погодуваме…

Интересна информација
Многумина од Вас не знаат, но знам дека сакаат да знаат. Епизодава, според спојлер-изворите на DarkUFO кои имале можност да го прочитаат сценариото, завземала место во 24та година од нашата ера. Тоа значи дека во моментот кога Џејкоб и неговиот брат биле родени, Исус се’ уште шетал на планетата Земја. Или не шетал. Прашање на лично верување, секако. Во секој случај, навикнетете се со паралелите со Библијата. Ќе ги има во голема мера подолу! :)

Светлината
Еден од подобрите мигови во “Across the Sea”, беше запознавањето со „светлината“. Не, не зборам за оној детски CGI ефект, за кој многумина се пожалија дека излегол од некој старовремски Дизни цртан, туку пред се’ мислам дека ова беше одличен потег гледајќи од сценаристичкиот аспект. Некои се жалат дека овој елемент во Изгубени ни е откриен предоцна, но јас го мислам токму спротивното. Ако го дознаевме ова 10 епизоди претходно, веќе ќе имавме одлична претстава за тоа што точно е Чудовиштето. Вака, на 2 епизоди до крајот, не е страшно, затоа што се’ уште има и останати мистерии за разрешување, во кои сме веќе „инвестирани“ како гледачи. (како на пример, „алтернативниот“ универзум)

Разочаран сум што на повеќето Lost блогови и сајтови, беше потрошено огромно време за дискутирање во врска со мајката, па овој момент дури и е засенет од неа. Јас не знам како е возможно фановите да не ја разберат простата поврзаност помеѓу светлото (изворот), „магарешкото“ тркало кое „паметните“ луѓе сфатиле дека ако го поврзат со извор на вода ќе го помрдне Островот и самата DHARMA Иницијатива, чија што, ВЕ ПОТСЕТУВАМ, главна работа на Островот и беше да ги истражи (и искористи притоа) електромагнетичките потенцијали на истиот.

Имајќи во обзир дека знаењата на „мајката“ 2000 години пред нас биле прилично лимитирани за да успее да го објасни како што треба „светлото кон кое сите луѓе се стремат“ (метафора за човековата душа), мислам дека секоја мистерија поврзана со потеклото на Чудовиштето е сега на некој начин одговорена, со тоа што точките самите ние треба да си ги поврземе. Имено, во тоа светло, била сместена пред се’ [електромагнетичката] енергија на Островот. Со оглед на тоа што оваа енергија е премногу голема за човекот да ја прими, а уште помалку разбере, истата МОРА да биде заштитена од заштитникот (protector-от) на Островот (во епизодава: мајката, а подоцна и Џејкоб). Зошто?! Не ме прашувајте зошто. Ако почнеме да си го поставуваме ова прашање, ништо во Lost нема да има смисла. И да, малце бев разочаран по епизодава кога сфатив дека навистина, на секое зошто, во Изгубени НЕМА ЗАТОА ШТО, ама тогаш пак ми текна на филозофската страна на оваа серија – за која ќе имате можност да прочитате повеќе подолу.

Како и да е, дојдовме до изворот – срцето на Островот. Како и се’ во изминативе две сезони, така и овој извор не можам а да не го поврзам со Библиското фамозно „забрането дрво“. Сличноста е огромна помеѓу дрвото чиишто плодови не смееја да ги пробаат (а ги пробаа поради итрината на злобната змија) Адам и Ева и ова светло (или срце на Островот, како сакате) за првпат појавено во епизодава. Сметам дека главната поврзаност, покрај забраната да се „чепнат“ и двете работи, е и казната за која мајката прозбори дека е дури и „полоша од смрт“. Адам и Ева можеби не умреа веднаш, но каснувајќи од плодовите, ја загубија безгрижноста, хармонијата и беа избркани од рајот.

Во Lost, Островот станува пеколно место за живеење, откако е чепнато неговото срце. Островот побарал само едно нешто од луѓето кои го населуваат – да не се чепка тоа место НИКАКО, па сега, откако такво нешто е сторено (како резултат на бесот на Џејкоб), Островот ги казнува луѓето со тоа што го ослободува злото засекогаш. Заклучок: Чудовиштето е метафора за првиот човеков грев и за човековата фатална љубопитност да се открие нешто кое никогаш не ни требало да биде откриено.

Зборувајќи за светлината…
Како што видовме, дел од истата е присутна и на некои места далеку под земјата на Островот. Од претходните две сезони, имавме можност да дознаеме дека она место под Орхидејата, за кое во епизодава видовме дека знаеле и луѓето кои живееле со Џејкоб и неговиот брат, користи дел од овој извор на енергија со кој располага Островот. Очигледно, за разлика од претходните случаи, научниците на DHARMA биле доволно мудри за да не ја чепкаат оваа енергија, но истовремено да ја искористат до некоја мера за свои цели. Класичен пример: го оставаат тркалото под Орхидејата онакво какво што си е, веројатно ЗНАЕЈЌИ дека ќе биде опасно ако сторат било што со истото, но затоа пак градат цела нова станица над него имајќи ги во обзир капацитетите на оваа огромна (електромагнетичка) енергија со која располага ова чудесно парче земја…

Мислам дека со ова е ставен крај и на мистериите (ако воопшто ги имаше) за окното, односно станицата „Лебед“, која се чини дека била централна во мисијата на Иницијативата. Кристално јасно е дека сета оваа електромагнетичка енергија е всушност „светлината“ за која мајката говореше во “Across the Sea”, која како што видовме има повеќе специфични места на кои се појавува – доказ за ова се „дупките“ од кои извира самото Чудовиште, а една ваква дупка ако добро се сеќавам видовме во финалето на првата сезона “Exodus”, потоа лани во “This Place is Death” (под Храмот) итн… Секако, имајте на ум дека главната концентрација на оваа електромагнетичка енергија се наоѓала на местото до кое мајката ги одведе малите Џејкоб и брат му… и истата, откако се случил инцидентот со Флок, била веројатно оштетена – та затоа во сегашноста се појавува ЕДИНСТВЕНО на одредени локации, кои биле претпоставувам поблизу до главниот извор така што не ја изгубиле целосната сила. (мислам дека ова има смисла, затоа што и „Лебедот“, но и „Орхидејата“ се наоѓаат длабоко во внатрешноста на Островот, а Светлината за која што зборувам, логично е да претпоставиме дека се наоѓала во средината/срцето на Островот!)

Сепак, ова и не е така важно. Важно е дека буквално сите чудесни работи на Островот се случуваат благодарение на оваа светлина (електромагнетизмот)… Почнувајќи од проектите на DHARMA, па до поместувањето на Островот.

Доброто против злото
Резултатот останува изедначен, со по еден автогол и на двете страни. Победник? Продуцентите на Lost. Им симнувам капа! Едноставно, им симнувам капа! Иако го пишував ова во текот на целава сезона, најпосле се оствари мојата замисла. Дефинитивно никој не е претставник ниту на доброто, ниту пак на лошото во оваа серија. Сите имаат по нешто и од двете.

Толку и од божјата смиреност и трпение на Џејкоб. Уште во “Ab Aeterno” видовме дека овој човек, не толку одамна, не бил толку самоуверен и верен на Островските услуги (кога буквално му ги извади цревата на Рикардос в лутина и бес), за да сега дознаеме дека истиот тој Џејкоб е кривецот за појавувањето на темнината која го опкружува Островот: Чудовиштето. Кога сме веќе на тема Џејкоб, интересно е како тој не доби шанса за да одлучи самостојно дали ја сака улогата на протектор на Островот или не. Едноставно, како што и мајката кажа, тој МОРА да го прави тоа и нема тука што да се противи. Иако навистина типот не се противи, подоцна гледаме како оваа идеологија на мајката, Џејкоб целосно ја отфрла (веројатно во знак на своевиден протест?), та на сите свои кандидати им дава шанса сами да одлучат во какви луѓе ќе се претворат, и дали ќе сакаат да го наследат неговото место!

Во меѓувреме, останува отворено големото прашање – дали Човекот во црно, оној кој го гледавме во изминативе две сезони, е братот на Џејкоб и е „човековата“ (ако може така да се нарече) страна на Чудовиштето? Мислам дека одговорот на ова прашање е потврден. Од повеќе причини:
1) Мајката, по не знам кој пат кажувам, спомна оти оној човек кој ќе ја почувствува енергијата со која располага Островот, ќе доживее казна полоша и од смрт. Која казна е полоша од смрт, ако не онаа која тотално ви ја разорува душа – оцрнувајќи ја до тој степен што повеќе не гледате никаква радост и желба за живот…? И притоа, ве прави бесмртен?! Ако мене ме прашате – ова е случајот со братот на Џејкоб. Тој е фиктивно жив, но во суштина мртов… заробен од темнината. Слично како што е случајот со Клер, и претходно Саид… И да, ете уште еден одговор на не толку важна мистерија. Дефинитивно е потребно некој да умре за да биде завладеан од страна на темнината. И телото на братот на Џејкоб лежеше мртво, што значи дека ова е предуслов број еден за да се стане „лош“…
2) Од некоја причина, и 1800 години по смртта на (безимениот) брат на Џејкоб, Чудовиштето се’ уште го користи неговото тело при разговорите со Џејкоб и Ричард (како што видовме во “The Incident” и “Ab Aeterno”). Бидејќи одбивам да помислам на можноста да се работи за обична непретпазливост на сценаристите, одам со погорната теорија – дека душата на Флок е заробена во Чудовиштето.
3) Последната и најважна причина е самиот исказ на Флок во една од изминатите епизоди од сезонава (за жал не ми текнува која беше точно, но мислам дека беше “Recon”) кога на Соер му кажа дека едно време „и тој бил човек како и сите други“… Не ме држете за збор за епизодата и ликот на кој му го кажа ова, но тврдам дека ваков исказ се случи сезонава!

Мајката = Чудовиштето?
Моментот кој најмногу ме буни и ЌЕ ме буни најверојатно и по крајот на Изгубени, е оној кога Флок ќе биде онесвестен од својата „мајка“, откако таа ќе дознае за намерите на неговите пријатели кои се на добар пат да ја искористат во свои цели енергијата на Островот.

Откако братот на Џејкоб ќе се разбуди, целата негова „дружина“ е мртва, а местото на кое што се наоѓаше се’ уште недоизградениот систем за поместување на Островот е затрупан под земја. Логичното прашање кое се поставува тука е… како по ѓаволите е возможно мајката да го стори сето ова во рок од неколку минути, па еве и часови?

Дали нејзиниот збор (колба) е доволна за да се случи таков раскол помеѓу луѓето, или пак таа има посебни моќи (слични на оние на Чудовиштето) со кои го сторила сето ова?! Тука навистина сум оставен во дилема и без зборови… затоа што, од една страна, нормално е да си помислиме на оваа можност, но пак од друга и не е – бидејќи како што видовме, дури неколку моменти по смртта на мајката беше создадено Чудовиштето!

Сепак, братот на Џејкоб мисли дека таа го сторила злоделото?! Што ли е работата тука, по ѓаволите?!? Помислив и на можноста чуварот на Островот да има моќ да се претвори во Чудовиште или нешто слично, ама тоа нема смисла, бидејќи лани во финалето на петтата сезона Џејкоб видовме дека ништо не стори дури и кога и на самиот него му беше јасно дека ќе умре…

Заклучокот овде е дека нема заклучок. Се надевам дека ќе дознаеме повеќе во последните две епизоди!

Хронологија на цивилизациите во LOST
И сега, откако ја изгледавме епизодата која не однесе во најдлабокото минато на Островот, мислам дека можеме да ја поставиме конечната хронологија на цивилизации кои го населувале ова место.

НЕОДРЕДЕНО ВРЕМЕ ВО МИНАТОТО – некоја цивилизација одамна пред Римјаните, го населува за првпат Островот и си поставува за цел да го заштитува истиот. Се менуваат повеќе протектори.
ЦИВИЛИЗАЦИЈАТА НА „МАЈКАТА“ – се прашувате зошто не е од првичната цивилизација? Бидејќи, и самата спомна дека пристигнала на ист начин на Островот како и Клаудија (вистинската мајка на Џејкоб): како резултат на несреќа! По некое време, таа станува заштитник и ја има истата улога како и претходните генерации: да го заштити изворот по секоја цена.
0024 година од нашата ера – Римјаните пристигаат на Островот. „Мајката“ ги пронаоѓа своите перфектни наследници откако Клаудија, бремена жена, раѓа две машки деца. „Мајката“ се одлучува да ја убие вистинската мајка за да ги заштити децата од понатамошни „лоши“ влијанија.
0037 година – Џејкоб и братот играат на плажата. Братот ја дознава вистината за мајката. Братот им се придружува на Римјаните.
околу 0050 година – Мајката му дава од чудесното вино на Џејкоб и со тоа тој станува заштитник на Островот. Мајката е убиена од страна на братот; а братот доживува судбина полоша и од смрт – претворајќи се во Чудовиште. Сега, главната мисија на Џејкоб е да го задржи ова зло над сите зла на Островот, бидејќи во спротивен случај – тоа е крајот на светот!
I – III век – на Островот се населуваат Еѓипќани. Во чест на Џејкоб ја градат статуата на Таверет (се прашувам… дали сега истата е метафора за „мајкава“?!), а во чест на Чудовиштето ги градат тајните одаи под Храмот (како негов дом, во кој сместуваат и добар дел од својата култура.. се сеќавате на Анубис, богот на војната, од кој извира Чудовиштето?!) и секако самиот Храм, заедно со останатите подземни тунели на Островот.

IV – XVIII век – се менуваат поголем број на цивилизации. “They come, they fight, they destroy, they corrupt. It always ends the same.”
XIX век – Црната Карпа пристига на Островот. Ричард е поставен за „заменик“ на Џејкоб. Започнува создавањето на „Другите“ како најнова Островска цивилизација.
XX век (1950тите) – Американската војска дознава за Островот и се обидува да го искористи. Поради постојаното менување на локацијата на истиот, тие се откажуваат од првобитниот план.
1970 – 1992 DHARMA Иницијативата пристига на Островот. Се случуваат многу недоразбирања со „домородното“ население на Ричард, а по Инцидентот работите уште повеќе се влошуваат. Најпосле, Бен, по инструкција на Џејкоб им става крај на маките на научниците, откако истите, слично како и поранешната дружина на Човекот во црно, ќе започнат да навлегуваат се’ подлабоко и подлабоко во Островските тајни.
2004 – падот на летот 815. Смртта на Џејкоб. Прва посериозна шанса Чудовиштето да завладее со светот. Кој ќе победи? Никој не знае се’ уште!

Харли и Џек = Човекот во црно и Џејкоб?
Неколку симптоматични навестувања имавме во “Across the Sea” дека е можно Харли да го наследи Човекот во црно, а Џек, Џејкоб. Харли може да гледа мртви луѓе, на сличен начин како што можеше и братот на Џејкоб. Џек, од друга страна, барем сега е многу сличен на Џејкоб од минатото. Навидум смирен и верен на Островот, а внатре во себе – врие од растревоженост и несигурност.

Ако за Џек одамна се навестуваше вакво нешто, за Харли сум малце изненаден. Се надевам дека нема да го претворат сценаристите него во некаков вид на зомби. И не ни верувам. Но, интересна е сличноста, мора да се признае!

Одговор за алтернативниот универзум?
Во деталното објаснување на мајката за моќта на изворот на Островот, таа се изјасни дека истата е окарактеризирана како „живот, смрт и повторно раѓање“. Смртта претпоставувам дека е искажана преку самото постоење на Чудовиштето. За животот, не сум сигурен, но мислам дека се мисли на цивилизациите кои под дејство на оваа сила пристигнуваат и притоа го населуваат Островот. Е, сега, „повторново раѓање“ (или на англиски: rebirth) имам чудно чувство дека е поврзано и со патувањето низ времето овозможено со дел од оваа сила откако ќе се сврти тркалото под Орхидејата, но и со алтернативниот универзум кој го следиме баш во истава сезона и кој во минатите теории реков дека е најверојатно создаден по детонирањето на Jughead во окното (каде што веќе знаеме дека беше стационирана дел од енергијата на Островот, што значи дека лесно истата енергија би се ослободила во случај да се случи детонација на бомба!).

Можно ли е токму тоа да е одговорот – дека Островот им дал втора шанса на преживеаните во животот? И дали затоа Дезмонд беше фрлен од страна на Флок во еден од овие бунари, како еден вид на хинт од страна на сценаристите?!? Останува да видиме…

Across the Sea – дефиниција за животот?
Спомнав уште во почетокот на овој пост дека оваа епизода крие во себе една филозофска страна. Со многу фанови го имав дискутирано ова во текот на минативе два-три дена, и никој од нив не се противеше на оваа идеја.

Што ако… се’ што видовме во последната епизода, едноставно беше одличен приказ на нашиот земен живот? Буквално се! Почнувајќи од раѓањето на Џејкоб и неговиот брат (очигледно… секој живот почнува со ова, зар не!), до нивниот постепен развој, првото соочување со стравот (опасноста од други луѓе во џунглата), соочувањето со цивилизацијата, па запознавањето со карактерите на останатите луѓе, запознавањето со човековата душа, односно нештото кое сите ние се стремиме да го имаме (изворот на Островот, кое нели, е олицетворение на претходно-споменатата душа), па алчноста на луѓето за да се здобијат со нешто кое ниту самите не го разбираат (навлегувањето во најтемните тајни на Островот, претставено претходно и преку DHARMA Иницијативата) и се така до главниот цитат кој ја одбележува оваа епизода, дека…

СЕКОЕ ОДГОВОРЕНО ПРАШАЊЕ САМО ЌЕ НЕ ДОВЕДЕ ДО НОВИ ПРАШАЊА.

Што ако, сето ова погоре, е едно лично видување на сценаристите за суштината на животот? За тоа колку ние, како луѓе, малку знаеме за се’ она што не опкружува? Дека сме сите ние марионети на оние поголемите од нас (мајката > Џејкоб) и дека сме далеку од она што се замислуваме дека сме (видувањето на мајката и Човекот во црно за човековата цивилизација)?

Можеби, токму затоа и епизодава беше направена на ваков начин? За еден ден конечно да ја разбереме нејзината тежина и идеја?! Којзнае… што и да е случајот, им давам рака на Дарлтон. Потребна е храброст да се напише ваква епизода. Не само затоа што уништува голем дел од теориите на фановите (а тоа знае да биде тешко за прифаќање понекогаш), туку и затоа што те тера навистина да размислиш за вистинската порака која ни се праќа.

They come. They fight. They destroy. They corrupt. It always ends the same.

Одјава
Колку имав – толку па и немам проблем со епизодава. Сценаристите најдоа одличен начин за да и стават крај на досадната мистерија со Адам и Ева (скелетите од првата сезона), разврска која ни малку не ја очекував, а и покрај тоа што потрошија значителен дел од епизодава со Џејкоб и братот како децата, сепак, на крајот се чини дека се исплатеше да ја видиме сета оваа страна од нивниот одамнешен карактер. Откривме дека биле сосема обични луѓе, но дека и како сите останати кои дошле на Островот, се промениле за 360 степени… кој заради свои заслуги, кој заради туѓи. Across the Sea понуди одлична дебата помеѓу фановите и за тоа никогаш нема да биде заборавена. Згора на се’, присутни беа главните елементи на оваа серија: борбата помеѓу доброто и злото и судбината (вербата во Островот) и науката…

Колку повеќе размислувам за епизодава – толку е подобра!!!

До наредната недела, Ве поздравувам и ги очекувам Вашите коментари!

UPDATE 23:30
Не ми се верува дека заборавив да напишам теорија за тоа дека Џон Лок во “Walkabout” за првпат ни навести за оваа „светлинава“ која ја видовме најпосле дури сега! За ова дефинитивно ќе посветам теорија в наредната недела… ете, тоа е, од премногу пишување заборавив се’ што сакав да кажам! :)

~ by lostseries on мај 14, 2010. Tagged: , , ,

22 Responses to “Across the Sea (теории)”

  1. Те следам (и коментирам на блогов) кус период, ама сега официјално да ти честитам на способноста да составиш добар, и што е побитно, оргинален текст. Генерално ги пратам спојлерско-теоретските форуми на нет за серијава и твоиве тези се прилично свежи и самостојни. Браво.

    Со речеси целата теза се слагам, само некои детали ги интерпретирам поинаку.
    Статуата не верувам дека е направена во ерата на Џејкоб. Никаде не ја покажаа кога и кој ја направил. Што значи можно е да е направена за “мајката“ на Џејкоб, можно е дури и за некој нејзин предходник. Не е ни битно.
    И во врска со центаралноста на The Swan во истражувањата на DHARMA. Мислам дека Swan изгледа само така, заради инцидентот поврзан со таа станица. Но тој е еден од многуте современо-научни “бунари“ кои луѓето (читај DHARMA) ги нашле и ископале. Орхидејата е пред Swan, но после Swan не верѕвам да продолжиле во тој правец :) )
    Како и да е, детаљиве се небитни и се нормално предмет на интерпретација. Само онака ги посочувам.

  2. Кога ја гледав епизодава, и мене најпрвин не ми се допадна до крај, ама кога денес ја гледав по втор пат, сфаќам дека воопшто не е лоша епизода и не заслужува толку низок рајтинг кај фановите. Јас, едноставно, пред епизодата очекував сосема различна приказна. Некои работи што бев скоро убеден дека ќе ги дознаеме не ги објаснија, како името на Флок (не ми е јасно зошто не го открија), како и египетската цивилизација. Изгледа дека никогаш нема да дознаеме за хиероглифите и за Статуата (ој ја изградил и кое е нејзиното значење). Но, пак ќе кажам, епизодава не е лоша и откри многу работи, иако отвори и многу прашања за кои сами треба да си дадеме одговор.

    За теорииве, одличен пост си напишал, многу добри размислувања и забелешки. За Светлината, апсолутно се согласувам дека е извор на сите чуда на Островот. Поради неа веројатно Островот има чудесни и лековити дејства. А Чуварот мора да ја чува од луѓето, зашто повеќето луѓе се баш такви како што ги опиша Мајката.

    Разбравме и кој и зошто го изградил Тркалото. Не знам како Мајката го затрупа толку брзо бунарот, и немам теорија за тоа, но како и да е, видовме дека Тркалото сепак е изградено некаде подоцна, а Другите и ДАРМА имале сознанија за него. Флок сакаше да го напушти Островот исто како Бен на крајот на четвртата сезона. Ако ви текнува, Светлината ја видовме и тогаш, пред да се помести Островот. На некој начин, преку таа Светлина, Островот е поврзан со други места во светот, како пустината во Тунис, а и таа Светлина е „виновна“ за појавите како патување низ времето, што ДАРМА паметно го користела.

    Она што најмногу ме збуни во епизодава е настанувањето на Чудовиштето. Веднаш штом Мајката рече оти ако некој дојде до Светлината, ќе добие казна полоша од смрт, бев сигурен дека на тој начин Флок ќе стане Смоуки. Ама не очекував Џејкоб да го втурне таму. И Флок очигледно ја доби казната. Ама, после го видовме Флок мртов, па разбравме дека тој е Адам, а мајка му Ева. Со оглед на тоа дека телото на Флок стои сеуште во 2004 година, бев збунет. Дали Флок е навистина Чудовиштето, или тоа само го зеде неговото тело, како на Лок?

    Размислував за оваа работа, не ми изгледаше логично на прв поглед, ама сепак мислам дека Флок=Смоуки. Тој е казнет на начин што неговото тело е мртво, но неговата душа останува заробена засекогаш во Црниот чад, односно во темнина. Лостич убаво кажа – фиктивно жив, во суштина мртов. Затоа е и целиот негов гнев и желба да го убие Џејкоб и сите идни Протектори. Џејкоб, пак, се покаја за она што го стори на брат му, и веројатно затоа води различна „политика“ од онаа на Мајката. Носи луѓе на Островот со желба да покаже дека таа греши.

    Хронологијата си ја прикажал одлично. Ме бунеше египетската цивилизација, но сфаќам дека таа е сигурно дојдена после овие настани со Џејкоб и брат му. Статуата гледаме дека не е изградена во ова време, а Чудовиштето е веќе создадено кога дошле. Веројатно Египќаните го сметале Смоуки за нешто од подземниот свет, па го нацртале на хиероглиф како да е раководено од Анубис, којшто исто мислам дека е бог на смртта и подземјето.

    Мистеријата за Адам и Ева горе-доле ми се допадна како испадна, пошто не гледав некоја логика во тоа скелетите да бидат на некои од патниците на летот 815.

    Тоа се моите размисли за оваа епизода. Коментаров го пишувам веќе 40 минути, ама вреди за ваква епизода, што дава многу простор за дискусија. Поздрав до сите

  3. „Од некоја причина, и 1800 години по смртта на (безимениот) брат на Џејкоб, Чудовиштето се’ уште го користи неговото тело при разговорите со Џејкоб и Ричард (како што видовме во “The Incident” и “Ab Aeterno”).“

    Нема никој друг. И во двете епизоди немаше никој друг кој е достоен да го заземе местото на МИБ. МИБ (односно Чадот) неможеше да го убие Лок, затоа што Лок не ни се плашеше од него – тој сакаше да му се придружи, тој мислеше дека Чадот е Островот (појма немаше колку Чадот всушност го мразеше Островот).
    Чадот неможеше да го убие, но Бен Линус секако дека можеше. И тогаш, кога веќе Лок е мртов, се што треба да направи Чадот е да го реплицира неговото тело. И да, ме нервира кога некој вика дека Чудовиштето влегува во телата – НЕ ВЛЕГУВА, ГИ РЕПЛИЦИРА.
    А зашто Чадот го напушти обликот на МИБ и го зазема обликот на Лок? Затоа што што ли ќе постигнеше МИБ со неговиот облик? Ама баш ништо. А Лок е веќе тука, сите го знаат – и не само тоа, туку Бен е преплашен од него, оти нели го уби а овој „оживеа“…, па таков преплашен, ќе правеше се што ќе кажеше Флок.

    Значи, не е грешка на продуцентите…туку МИБ немаше никој друг кој би можел да го наследи.
    Се додека Лок не беше мртов.

  4. Прашање:

    Кој го постави таму трклалото? МИБ не го постави, мајка му го спречи. Тогаш кој?

  5. Љубиша, фала за пофалбите. :) За разлика од тебе јас се трудам ништо повеќе да не читам што е поврзано со LOST (во смисла на теории и размислувања на фановите), зашто така можам најдобро да си ги изразам мислите. Во друг случај, несакајќи „позајмувам“ мисли на други критичари. Вака многу пати се бев зезнал кога почнував со блогот, кога беше четвртата сезона. :)

    Што се однесува до Статуата, барем јас не ја забележав на плажата во “Across the Sea”. А мислам дека беше истата плажа како од “Ab Aeterno” и “The Incident”… затоа и мислам дека е изградена во ерата на Џејкоб. :)

    Како и да е, имаш право, се си е предмет на интерпретација. :D

  6. @Sawyer^^:
    И мене на прв поглед не ми се допадна оваа епизода, ама после сфатив дека се’ е поради тоа што одговорите кои ни беа дадени (повеќето од нас) не ги очекуваа дека ќе бидат такви. Тука лежи главниот проблем. И да, уште поголем проблем е што епизодата те тера да размислуваш, не ти дава се’ на прва… потребно е да си ги поврземе сами точките, а тоа очигледно не им е интересно на повеќето фанови. :) Затоа Lost e тоа што е хехе. ;)

    Фала за пофалбите во врска со постот. :) И јас многу размислував за Флок и мислам дека ова што го имам напишано погоре има смисла… добро видовме дека првобитниот Флок имал чувства… но овој сега, е далеку од првобитниот. Тој е завладеан од темнината засекогаш, за казна за тоа што се дрзна да ја чепне таа светлина. :) И Џејкоб е казнет исто така, па затоа мора да ја продолжи борбата со ЗЛОТО, нешто кое самиот тој си го наметна со туркањето на брата си на недозволеното место. ;)

    Дефинитивно вреди да се пишува за ваква епизода. Поздрав и до тебе. :)

  7. @Дуле: во право си, Чадот ги реплицира телата, со тоа што мора да се напомене дека им ги знае и нивните мемории и емоциите кои ги чувствувале во текот на целиот свој живот… што значи дека им ја завземено и нивната душа. Барем според мое видување. :)

    Има смисла тоа дека до Лок, немало никое друго тело со кое Чудовиштето можело да ги намами останатите против Џејкоб… ова му е веројатно најдобрата шанса досега. :)

  8. Инаку, имајќи ги во предвид хиероглифите околу тркалото во онаа замрзната просторија под Орхидејата, мислам дека Еѓипќаните го пронашле по некое време тркалото и откако сфатиле која е неговата намена (по неколку години истражувања на Островот), го поставиле системот за кој зборуваше Флок… :)

  9. Сигурно ја немаш прочитано следната епоизода оти ќе знаеш дека си поставил спојлер.

  10. и
    Не знам дали се сеќаваш на Во светот на бајките, имаше една епизода со една бабичка која чуваше еднен брег, седната во бродче. на крајот дојде еден од ликовите и таа го натера да седни на нејзиното место и да ја замени, и му рече, кој ќе ме замени тој ќе се скамени.
    Многу ме потсети на ова, кога мајката му рече ФАЛА на миб што ја уби.

  11. Каков спојлер?! :O Првпат слушам. :?

  12. добро, ако ја немаш прочитано епизодата, тогаш е само точна претпоставка :)

  13. lostseries, ти пратив мејл, го доби?
    (се извинувам на сите што ова го користам за директно прашање до lostseries, ама незнам како на друг начин)

  14. Дали се согласува со мене некој дека сегашново дете Џејкоб, откако Бен го уби стариот Џејкоб, тој повторно се роди и затоа можеби сега го гледаме како дете, нели и мајката спомна за во врска со островот:живот,смрт и повторно раѓање. Само не ми е јасно ако ова е така, како за толку брзо време детево 13 години има или колку и да се.

  15. Јас мислам дека островот на крај ќе испадне последниот дел од светот каде што сеуште владеат законите на фантазиските светови, како тој од Господарот На Прстените. Све ќе испадне некој таков спој со реалноста и фантазијата. Мајката дробеше трева како healer, се движеше невидливо низ шумата, уништи цело село агресивни и уплашени луѓе, затрупа бунар…. Мене ми личи тоа на sorceress. Извор на мистериозна светлина, која што е извор на сета светлост на светот. Мистериозно чудовиште, кое се претвара во човек, кој претходно мора да е умрен. Никој не може да го убие доколку му даде време да прозбори. Рикардо и Мајкл не можат да се самоубијат. Мене ми личат на комплицираните правила од фантазиските светови. Ако е тоа така, тогаш финалето на Lost ќе биде почеток на нешто сосема ново во кинематографијата.

  16. Expert, интересна работа… баш ме интересира да видам во вторник што сум погодил. :)

  17. Дуле, речиси и да не го проверувам мејлот, така што извини што дури сега ти одговорив… :)
    Од обврски (и од мрза плус) еднаш на 2 месеци го отварам хаха. :D

  18. Александар, мислам дека не е тоа случајот, зашто досега ќе дознаевме да беше така.
    Сметам дека детето е халуцинација која можат да ја видат само кандидатите и самиот Флок и секогаш се појавува во ситуации кога Чудовиштето планира да направи нешто што НЕ СМЕЕ. ;)

    позз до сите

  19. @Goran: интересна замисла. Како што тргна серијава, а и како што самите продуценти имаат веќе спомнато дека се обожаватели на трилогијата „Господар на прстените“, не би се изненадил ова да испадне случајот. :)

  20. ako ova nekad go pro4itate
    LOSt nema nikakva vrska so biblijata
    mozete i na wikipedia da pro4itate

  21. @ivan: може да објасниш како тоа “Lost” нема никаква врска со Библијата?
    Зашто е очигледно дека сценаристите добиле инспирација токму од таму, барем кога се работи за митолошкиот дел од шоуто… ;)

  22. [...] минатонеделната „тешка“ митолошка епизода, What They Died For не врати назад [...]

Leave a Reply




 
Creative Commons Attribution-NonCommercial-ShareAlike 2.5 Macedonia
This work by Losteech is licensed under a Creative Commons Attribution-NonCommercial-ShareAlike 2.5 Macedonia.